Friday, November 15, 2013

Алпинистичка балканијада - Демир Капија 2013

          Пред неколку недели се одржа алпинистичка балканијада во Демир Капија во огранизација на алпинистичкиот клуб Плоча од Радовиш и спортско качувачкиот клуб Клисура од Демир Капија. Три денови, околу 60-тина качувачи, една третина од овие дојдени од Бугарија и многу качени насоки, ама сериозно многу. Малку каснам со пренесување на моите импресии од овој собир, но ЕХО- Денови на планискиот филм - фестивалот кој почна ден после овој собир си го зема својот данок.

          Отидов на овој собир сосема ослободен од притисокот да качам многу насоки или некоја посебна, туку едноставно да го одбележам  и се дружам со алпинистите дојдени од Бугарија, Србија, и по некој од Германија, Русија и се разбира повеќемината од Македонија. Супер атмосфера, преку цел ден качување, приквечерни дружби во Демиркаписките меани, и вечерни забави покрај оган со вино од околните винарии, така одприлика поминаа тие три денови.

влезот во кањонот
          Иако веќе некое време на Демир Капија се качува многу од одредени поединци, кои речиси секое одење прават по некоја првенствена насока, најчесто организирани од Зоран Мајсторски од АК Плоча, овој пат, на овој собир имаше качување на насоки кои не се качуваат никогаш, или многу ретко, како што кажа некој од присутните, прв пат видовме качувачи на 'десната страна' карпата, и тоа 5-6 наврски истовремено во делот на карпата во кој најчесто нема никој. Да не се разбереме погрешно, ниту сакам да кажем дека некој не  качува, или некој друг качува многу, реалноста е таква, некои насоки ужуваат поголема популарност од други и се качувани почесто. Тоа беше убав празник за очите да видиш толку качувачи на карпа, толку разновидни насоки качени, по стилот на качување или по тежината на насоката.

          Инспириран од позитивната енергија при изборот на насоки за качување 'утредента' што беше присутна кај сите качувачи на собирот, сите збореа што ќе се качува.., сепак решив да пробам нешто ново за мене. Ја немав качувано насоката Бранчева, една Демиркаписка класика, посветена на загинатите алпинисти под Солунска Глава. Но таа беше веќе зафатена кога дојдов под неа. Следна интересна насока која ја мислев некое време беше Славкова, исто така посветена на еден стар алпинист. Покрај предизвикот да качувам нешто ново, да качувам насока која е и малку потешка од останатите, во описот исто така означена слаба со осигурување и се качува традиционално, особено беше за мене инспиритивно да ги качам овие неколку насоки кои се посветени на четворицата алпинисти кои имаа загинато во лавина кај Бабина дупка, близу врвот Солунска глава но и некои други стари алпинисти од Македонија. Па така после Бранчева се упатив кон Славкова, која беше слободна за качување. Насоката следи еден долг жлеб, десно од темната речиси црна плоча која е пак лево од повеќе познатата насока Гавранот која исто така следи жлеб. Тој жлеб го  поделив во две должини со едно импровизирано сидриште некаде на 50-тина метри. Наидов на само два клинови, но доста опции за поставување сопствено осигурување. После тој жлеб направив второ сидриште, исто така импровизирано, по кое следи една многу деликатна барем за мене кратка должина од околу 15-20 метри, во која има само еден клин после првите два метри, и после тоа нема ништо се до крајот, но и нема опции за поставување осигурување. Не е премногу тешка, но психички за мене беше особено напната. Си помислував колкав пад би било тоа, ако сум 15 метри над сидриште, плус едно 15 под него, плус малку истегнување, плус 'импровизирано сидриште'... тоа секако се мисли кои не треба да ги имаш :), за среќа се соземав и успеав да стигнам до следното сидриште, под првиот превис на Славкова, исто така импровизирано но комбинирано со еден закован клин.

третата кратка но трилер должина без клинови од насоката Славкова
фото: Зоран Мајсторски
          Велам првиот превис, зашто имало и втор, овој вториов повеќе како таван него превис, нешто што не го знаев. Повторно влегов 'бос у трње' нешто што често знам да го направам, да качувам насока без доволно информации за истата. За жал или среќа во разговорите со други луѓе кога ми претставуваат насоки ги ловам зборовите како убава, фанстастична, мора да одиш таму, супер должина... а ме одминуваат зборови како ронлива, нема клинови, ТАВАН, ..е тежок, итн..

во првиот превис на Славкова
фото: Зоран Мајсторски
          Да дефинитивно слушнав дека има таван но кој се заобиколува, а тоа да ти бил големиот таван кој се заобиколува, но сепак следел уште еден како десерт после првиот прилично голем превис :). Како и да е, не се жалам, напротив, супер беше и успеав да ја качам, успеавме да ја качиме заедно со Елена како втора зад мене. Беше доста јако искуство, признавам не бев спремен за неа и ме истроши многу, поради тоа што очекував 'лабава' насока.

Елена над првиот превис од Салкова
фото: Зоран Мајсторски

поставен чок во третата должина од Зорева
          Третиот ден на собирот а мојот втор качувачки ден го почнав знаејќи веднаш што ќе качувам. Тоа беше насоката Зорева, која почнуваше десно од Славкова и во текот на линијата, некаде кај второто сидриште се вкрстуваа двете, и наместо да оди кон превисите и таванот на Славкова, заобиколува во лево, и излага низ една идеална долга пукнатина, после продолжувајќи низ жлеб се до крајот. Преубава насока! Ова беше едно од моите најдобри искуства, една од најубавите линии кои сум ги качувал било кога било каде. Повторно ги надмина моите очекувања за тежината на насоката, беше уште посиромашна со клинови од Слакова, тс имаше се на се 2-3 клина во целата насока.

втората должина од Зорева, се гледаат десно горе таваните на Славкова кои надвиснуваат
Но со многу повеќе солидни точки за поставување обезбедување, сума сумарум солидна линија во континуитет тешка, бара постојано висока концентрација не толку поради качувањето, туку поради поставувањето точки за обезбедување и големото растојание на истите. Имав качувано и претходно долги насоки чисто односно традиционално, но тоа беа насоки кои ги знаев убаво, ова беше сосема нов момент. Бев пресреќен во секое движење на карпата, секој поставен чок или френд беше добродојден на карпата. Прв пат завршив должина со цел сет чокови и сите френдови потрошени  односно вметани во карпата. Насоката ја завршив во четири должини, од кои првата, втората и четвртата беа од околу 40-50 метри долги, третата пократка околу 30 метри. Не би знаел која беше најубава, или која беше најтешка. Мислам дека последната ме измачи најмногу психички, бев највисоко, и имаше преубава гледка наоколу но тоа ми правеше и дополнителна тензија поради експонираност на карпата, особено што точките на осигурување во тој дел беа доста далеку една од друга. Прекрасен викенд, преубави две качени насоки, и многу дружење на собирот.


во третата должина од Славкова
фото: Зоран Мајсторски

третото сидриште на Славкова, под првиот превис
фото: Зоран Мајсторски

излезот над првиот превис од насоката Славкова
фото: Зоран Мајсторски

          Некои со сликите се со мал квалитет поради далечината од каде што се направени.

текст на Алекснадар Зарапчиев, член на АК 8

Sunday, November 3, 2013

Панчев Три во Еден

        Верувам дека сите кои беа вклучени во фестивалот ЕХО, и сите оние кои беа присутни на дел или на сите оние инспиративни приказни прикажани преку сликите кои се движат успеаа да се пренесат за миг во големите авантури, и да ја замислат својата.

Последниот ден на ЕХО се сретнав со Дино и Мики, со кои една недела пред тоа се видовме на Алпинистичка Балканијада во Демир Капија, и се присетивме дека одамна не сме качувале заедно. Така им предложив да одиме на Трло, тие и двајцата се по активни како спортски качувачи, иако и ним не им недостига желбата за авантурите на алпинизмот.
          Решен проблем барем за еден ден од викендот, се смирив, продолжив со секојдневието, и потајно размислував за насоката Жена ми не ме пушта, која неколку викенди порано сериозно ме измачи. И така смирен и во исчекување на престојната викенд авантура, во петокот ми зазвони телефонот. Бројот непознат, но гласот, интонацијата, извонредниот на моменти архаичен Охридски говор....и те како познат. Ми се јави Ангел Куртелов, со кого пред една недела поминавме одлично на Демир Капија. И ми вели, Зарапчиев не може, ми рече дека можеби ти си заинтересиран...да одиме на Панчев утре?
          Па да, ајде, се слушнав како одговарам. И готово, толку од Трло, сеуште не знам дали ‘Жена ми ме пушта’, одиме на Панчев, насоката која никогаш не сум ја качувал а многупати сум посакувал. Имав договарања еден куп, но поради описите, туѓите искуства, за мене таа насока беше и обременета со туѓ багаж. И цело време мислев дека не сум спремен, дека треба да почекам, дека треба....понекогаш треба да појдеш и да видиш до каде ќе стигнеш.
Да не се разбереме погрешно, треба и искуство, и ниво на подготвеност и респект кон било која активност, посебно на карпа.
          Дојдовме под насоката, и застанавме пред првиот цуг. Сите што сум ги прашал за насоката, сите до еден ми кажале дека првиот цуг е нешто посебно. Неприродни движења, непознато досега местење на телото, дилферски потфати и мали или никакви стојалишта за нозете. Стоејќи доле не ни знаеш што те очекува.Карпата изгледа раскршена, дури разбушавена, гледаш многу потенцијални фаќалишта и самата линија дури изгледа прегледно и воочливо. Ангел се намести, сонцето ја разби маглата, стана пријатно топло...и појде. Уште на почетокот разбрав дека сум пред нешто посебно. Карпата е полегната и дава можност често да ја користиш за триење, но близината на работ и карактеристиката на фаќалиштата  кои често се и отворени, не ја прави таа можност многу примамлива. Гравитацијата си го рпави своето, и често натежнуваш кон работ. Првата должина на Панчев не е како ништо што сум качувал до сега, бараше доста сила, но и многу пресметани движења и баланс. Левата рака често бара фаќалишта на лево, колку да се смириш и станеш стабилен, но во најголем дел од должината фаќалишта таму нема. Како и да е, после час и поволина од кога влеговме во насоката Панчев, се сретнавме на првото сидриште, кое е поставено на една широка полица.

          Иако ме измачи, првата должина на Панчев ме подготви за се што следеше. Втората должина почнува со мало движење во лево, и преку раб продолжуваш нагоре. Убави движења, многу повеќе фаќалишта и....фала Богу стојалишта. Должината полека оди на десно, каде можеби и беше најтешкиот детал, на околу десетина метри премин во десно. Потоа полегната карпа на десно те носи под еден превис. Превисот се заобиколува, но тука движењата се одлички. Фаќалиштата се големи, и потоа истите стануваат стојалишта. Тука движењата бараат малку повеќе сила и издржливост, за да се направат во континуитет. После две три движења, пристигнав до сидриштето, кое е многу удобно, иако е мало. Го почекав Ангел, кој сеуште беше изморен од првиот цуг. Чекајќи го, ја разгледував третата должина, кај која веднаш ме заинтригира почетокот, една широка пукнатина на лево.

          Знаев дека тој треба да продолжи, но сепак ме интересираше што следно сокриле тука карпите на Матка. Ангел пристигна, сеуште изморен, и веднаш решивме да продолжам јас. Искрено, веќе бев раскачуван и физички немав проблем да продолжам, и започнав махинално. После едно до две движења почувствував дека уживам во качувањето, и му благодарам на Ангел дека беше малку уморен. Должината започнува со една голема пукнатина која е поставена во жлеб. Во пукнатина та фаќалиштата се одлични, а истовремено може и да заглавите и рака и нога. Од неа се излегува после 5-6 метри, и продолжувате преку плочест дел и неколку движења на раб. Должината е одлична, се менува и на моменти потсетува и на првата должина, но овојпат движењата се решливи. После неколку детали во плочестиот дел се излегува на полегната карпа и повеќе земја и трева, тука има и неколку разлабавени камења. Сидриштето е директно над вас, поставено во жлеб и дава одличен поглед на последната должина. Ангел пристигна, а јас потајно се надевав дека самиот ќе предложи јас да ја завршам насоката. Му нафрлив, и ми рече да, секако заврши ја. Веќе стануваше доцна, и помалку студено, така да веднаш ми предаде опрема и тргнав нагоре.


Поглед кон четвртата, последна должина.
          Последната должина ми беше претставувана како најлесната должина, иако јас такво нешто не почувствував. Линијата е видлива, но варијатните за поминување очигледно се повеќе. Јас се движев по раб, и неретко во расчекор со една нога на некое од стојалиштата во десниот жлеб. Бара на моменти дилферско местење, но фаќалиштата на работ се одлични. Стигнав до видливот превис, кој не знаев дека треба да го поминам од лево, и се наместив директно под него. Наеднаш не ми беше толку забавно како во останатиот дел од должината, разбрав дека сериозно грешам и по мала консултација со Ангел, преминав лево и преку работ. Фаќалиштата се големи, движењата бараат концентрација и сила, но брзо се излегува. Потоа следи движење по работ до излезот од насоките на Матка. Ангел пристигна токму навреме кога започна да се смрачува, и побрзавме накај Шишевски.

Ангел пристига на третото сидриште
          Тоа што сега го мислам,после поминати четири и пол часа качувајќи во Панчев, сеуште не ми е јасно како се качува првата должина. Одејќи нагоре си мислев секоја чест на првите искачувачи. Линијата на насоката се менува цело време, од првиот раб, жлеб, превиси, повторно раб, плоча....извонредно комплексна и захтевна насока, но е едно неверојатно комплетно качувачко искуство што не би требало да се пропушти. Многу сигурна насока, голем број на точки на осигурување, кои не недостасуваат како во тешките така и во по-лесните делови.
Текст на Методи Чилиманов