Wednesday, April 2, 2014

Казани за крај на сезона



          Иако си мислев дека со исцрпувачкото (за мене) качување на врвот Кобилица и со преубавата линија што ја скијавме надолу достоинствено се збогувавме од скијачката сезона, новиот снег и прекрасната Шар Планина ни ги поместија плановите. Искрено кажано, не треба многу убедување кога ти се дава можност  да скијаш “fresh powder” на 30 Март.
Тргнавме двајца пријатели: Јас и Хекуран Зеќири. Промената во летно мерење на времето ни „изеде„ еден час и така турата ја почнавме со задоцнување.

          Почетна точка ни беше новиот хотел Скардус од каде тргнавме во правец на вториот амфитеатар за да продолжиме по северната страна на Церипашина и да стигнеме до Антени. 

припреми пред тргање


          Поради фактот дека подолго време немавме качувано над Антени, не бевме сигурни какви услови не очекуваат горе, затоа одлучивме Антени да ни биде „check point”,  каде ќе одлучиме што ќе качуваме и која линија ќе ја скијаме.

насмевките кажуваат се :)

          Врвот Бакердан во позадина некако изгледаше како преголем залак имајќи предвид дека времето не ни одеше во прилог. После неколку минути убедување се одлучивме за северно-источната страна на врвот Казани, која беше полна со прашкаст снег. 


          Нешто помалку од 40 минути ни требаа да се качиме прво на Син врв, па после во продолжение до врвот Казани. Од Казани можеш од блиску да се увериш во грандиозноста на врвовите Бакардан, Мал Турчин и Титов врв ( меркавме по некои кулоари за следната сезона), преубави врвови за качување и уште поубави вертикали за скијање.


          Кулоарите кои ги скијавме беа стрмни и преполни со прашкаст снег, преубави и  достојни за крај на сезоната. ГПС-от измери 3 км скијање со почетна висина од 2570 м, и спуштање на 1900 м блиску до Првомајското бачило во горна Лешница. 

линиите кои ги спуштивме под врвот


          Од горна Лешница на враќање моравме да продолжиме со турно по патот што го поврзува Ски центарот со горна и долна Лешница. Патот е прилично лесен за турно одење, и нас ни требаше нешто повеќе од 1 час да  стигнеме до столбовите над  Детското Одморалиште, десно од вториот Амфитеатар во ски центарот.  За крај успеавме да го скијаме и пределот до Хотелот Скардус, кој помеѓу нас и воопшто љубителите на фрирајдот на Шапка е познат како  „сентишот„ . Се на се, турата опфати без малку 14 км.






"...Long live Snowflake Guerilla..."

текст на Кастриот Арифи